Се чини, секој човек имал омилена играчка во детството. Според психологот Ри Лангам од „Импулс терапи“, токму тој сакан предмет ја открива личноста и нејзините особини и нарави во раната фаза на развој.
![](http://images.idividi.com.mk/images/deca_igracki1.jpg)
Без разлика дали се работи за автомобилчиња, кукли, сетови шминки или коцки за редење, според стручњакот, играчките се одличен начин да се задржат децата зафатени, смирени и среќни, но тие се и алатка за учење што им овозможува на малечките од сите возрасти да ги истражуваат, изразуваат и развиваат своите вештини и карактерот.
- Начинот на којшто детето користи играчка може да открие важни сознанија за неговата личност, способности и склоности. Сепак, важно е да се забележи дека наклонетостите за одредени играчки не можат да ги предвидат идните особини или способности на детето, но ја прикажуваат неговата моментна личност, вели д-р Лангам.
Коцки
Децата кои сакаат да редат коцки сакаат и се стремат кон предизвици и имаат зголемена желба за решавање проблеми, градење и просторно размислување. Тие веројатно уживаат во структурирани активности, со почетоци и краеви, погрешни и правилни начини на вршење на работите, а исто така, можат да сосредоточат на деталите и трпеливноста да ги следат упатствата, па и да ги менуваат дизајните.
Игри инспирирани од цртани филмови и серии
Психологот Лангам наведува дека децата кои уживаат во „Покемон“, на пр., најмногу сакаат да собираат предмети и да ги категоризираат нештата. Игрите како „Покемон“ укажуваат на дете кое ужива во критичко размислување и има авантуристичка и љубопитна природа.
Кукли
Девојчињата кои сакаат кукли, обично имаат чувство за раскажување, глумење улоги и сл., т.е. фантастична имагинација. Истражувањата покажуваат дека играњето со кукли всушност може да ги подобри друштвените вештини и емоционалниот развој.
Автомобилчиња
Децата кои сакаат да си играат со мали автомобили (најчесто момчиња) обично покажуваат аналитичко размислување и љубов кон движењето. Нивната способност за лесно сосредоточување и лесно изнаоѓање стратегии се одразува во тоа како тие прецизно градат патека и ги изведуваат трките. Овие играчки ја подобруваат нивната координација и овозможуваат разбирање на причината и последицата, физиката и основната механика.
Пиштоли на вода
Пластичните водни пиштолчиња обично се избор на енергични деца со натпреварувачки дух кои уживаат во физички активности на отворено. Нивната љубов кон акцијата укажува и на силни моторни вештини и координација. Овој вид игра го поттикнува стратешкото размислување, движењата, и чувството за разиграна, содржајна и креативна борба.
Модерен фустан
Девојчињата кои сакаат да носат различна елегантна облека, наместо да се занимаваат со играчки, обично се прилично имагинативни и сакаат да се изразуваат. Уживаат во истражувањето на идентитетот, а тоа е знак за нивната креативна и приспособлива личност.