“Allnighter” односно непроспиена ноќ и „спојување“ на два дена кога сме целосно будни некогаш е неизбежно – испити, смртен случај, итен случај кога некој близок ќе заврши во болница, работно задолжение со краток рок и слично. Сепак, треба да сме свесни колку ова му штети на телото.
Невролози од Норвешка истражиле какви сè потенцијални реперкусии има врз телото, регрутирајќи 21 здрави возрасни машки лица врз кои биле направени серија тестови со скенирање кои ја покажувале дифузијата на водата во телото и нејзиното влијание на нервниот систем.
Доброволците останале будни 23 последователни часа и не им било дозволено да консумираат алкохол, кофеин и никотин, а не смееле ништо да јадат пред скенирањето.
Било заклучено дека белата материја во мозокот претрпела „значителни“ промени по само една вечер неспиење и дека конективните мрежи внатре во мозокот биле деградирани – што влијае врз размислувањето по непроспиената ноќ.
Промени биле забележани насекаде низ мозокот, но не е јасно колку направената штета е постојана и дали долг сон следната вечер може истата да ја поправи.
Научниците сметаат дека ефектите од неспиењето една вечер се краткотрајни и се елиминираат по неколку ноќи нормално спиење, но најверојатно хроничниот недостаток на сон може да доведе до долготрајни промени во мозочната структура, хипотеза која треба да се разјасни и потврди.
Два тест субјекти не покажале ист модел на однесување на мозочната структура како и останатите, што индицира дека можеби некои личности се подобро заштитени од ефектите на неспиењето.