
Атина, 7 мај 2012 (МИА) – Во Грција вчера се одржаа вонредни парламентарни избори на кои избирачите го покажаа своето незадоволство од политиката на актуелните функционери, како и од мерките за штедење наметнати од Европската унија, јави специјалниот известувач на МИА.
По преброени 57 проценти од гласовите, Нова демократија освои 19,89 проценти од гласовите, Коалицијата на радикалната левица (Сириза) 16,17 и ПАСОК 13,67 отсто од гласовите на избирачите, соопшти Министерството за внатрешни работи преку компанијата Сингулар Лоџик која е задолжена за собирање и дистрибуција на изборните резултати.
Другите партии кои досега сигурно обезбедија места во новиот состав на Парламентот се Независни Грци со освоени 10,47 проценти, Комунистичката партија на Грција со 8,37, Криси Авги (Златна зора) со 6,87 и Демократската левица со освоени 6,01 отсто од гласовите.
Според последните информации Лаос и Екологистите-Зелени се уште се борат да ги освојат минималните три проценти од гласовите за да влезат во Парламентот, а досега имаат освоено 2,87 и 2,84 проценти. Ако ниту една од овие партии не обезбеди место во Парламентот, ќе излезе дека околу 18 проценти од избирачите гласале за партија која нема да има свои претставници во новиот состав.
Според Министерството за внатрешни работи, на вчерашните избори не гласале 38 отсто од Грците со право на глас што е рекорд во однос на 2009 година кога не гласале 30 отсто, во 2007 не гласале 26 и во 2004 година не гласале 24 проценти од избирачите.
Според досегашните резултати, Нова демократија ќе добие 111 места во Парламентот (со дополнителните 50 кои ќе ги добие како партија која освоила најмногу гласови), Сириза 50 места, ПАСОК 42, Независни Грци 32, Комунистичката партија на Грција 26 места и Демократската левица 18 места. Она што е една од главните вести е дека екстремната десничарска партија Криси Авги (Златна зора) по 40 години постоење првпат влегува во Законодавниот дом и тоа со засега освоено 21 место.
Резултатите покажуваат дека ниту една партија нема мнозинство во Парламентот што значи дека претседателот на државата сега ќе и даде на првопласираната партија три дена да формира влада. Ако Нова демократија не успее да формира влада, таа шанса ја добива второпласираната партија, па потоа и третата. Ако ниту една партија не успее да формира влада, за 20 до 25 дена ќе бидат распишани нови избори. Крајниот рок за формирање влада е 17 мај кога новиот состав на Парламентот ќе биде распуштен и ќе бидат распишани нови избори.
Лидерот на Нова демократија Антонис Самарас, по објавувањето на првичните резултати, синоќа даде една понуда под два услова. Првиот услов е Грција да остане во еврозоната и вториот е промена на Меморандумот (пакетот мерки за штедење) со цел да има „пораст и олеснување за грчкото општество“. Самарас рече дека поранешните политики на ПАСОК го достигнале својот лимит што се однесува на трпението на грчкиот народ.
- Нова демократија е прва на изборите што ја зголемува нашата одговорност. Го разбирам бесот на народот, но нашата партија нема да ја остави Грција без влада, истакна Самарас.
Лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос изјави дека неговата партија ќе предложи влада на национално единство како што е пропишано со Уставот.
- Сите проевропски ориентирани сили треба да учествуваат во ваква влада со цел да имаат политички легитимитет и таа влада да биде прифатена во странство, изјави Венизелос.

Лидерот на Коалицијата на радикалната левица (Сириза) Алексис Ципрас синоќа изјави дека изборните резултати во Грција се силна порака за радикални промени во Грција и Европа, порака за „мирна револуција“ која покажува дека луѓето во Европа не можат да прифатат „варварски меморандуми“ и мерки за штедење.
Тој рече дека Сириза е свесна оти нејзиниот успех на изборите не е награда за партијата или некоја личност туку предлогот за левичарска влада која ќе го промени курсот на политиката за штедење и вети дека Сириза ќе направи се за да состави влада која ќе го поништи меморандумот и договорите за кредити.
- Време е за оние што ја издадоа Грција да се плашат. Ние доаѓаме. Ние сме Грци, националисти и нема да дозволиме никој да се сомнева во ова, изјави синоќа лидерот на Криси Авги, Николаос Михалолиакос.
Лидерот на партијата Независни Грци Панос Каменос синоќа одби соработка со ПАСОК и Нова демократија за формирање влада. Тој истакна дека политичката платформа на неговата партија ќе ја предложи во Парламентот и ќе им остави на независните пратеници да одлучат дали сакаат да ја поддржат, вклучувајќи ги и „индивидуалните пратеници од Пасок и Нова демократија кои не се согласуваат со лидерите на своите партии“. Во однос на соработка со Сириза, Каменос рече дека има исти ставови како Сириза за економските прашања, но различни за прашања што се однесуваат на надворешната политика, илегалната миграција и односите со Турција.