
Атина, 8 мај 2012 (МИА) – Лидерот на Коалицијата на радикалната левица (СИРИЗА), Алексис Ципрас денеска ќе добие шанса да формира влада на Грција, откако шефот на Нова демократија Андонис Самарас вчера не успеа да најде партнери за новиот владин состав.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Атина, Ципрас ќе се сретне со грчкиот претседател Каролос Папуљас во 14 часот по локално време за да добие мандат да формира влада. Тој потоа ќе им се обрати на другите партии кои обезбедија места во Парламентот во обид да формира левичарска влада. Ципрас вчера најави дека владини партнери пред се ќе побара меѓу левоориентираните партии.
Партиски извори од СИРИЗА за „Катимерини“ изјавиле дека клучната цел на Ципрас е да ги придобие Комунистичката партија на Грција (ККЕ) и Демократската левица. Ако ова не му успее, што е многу веројатно со оглед на тоа што ККЕ веќе отфрли било каква соработка, Ципрас ќе им се обрати и на другите партии. Според истите извори, Ципрас исто така се очекува да се сретне и со лидерите на помали левичарски партии кои не влегоа во Парламентот со цел СИРИЗА да добие повеќе гласови на евентуални повторни избори.
Лидерот на конзервативната партија Нова демократија Антонис Самарас вчера на грчкиот претседател Каролос Папуљас му го врати мандатот за формирање нова влада на Грција.
- Направивме се што можевме, но едноставно не беше возможно, изјави Самарас.
Според грчкиот Устав, лидерот на провопласираната партија на изброите има три дена да формира влада пред мандатот да и биде доделен на второпласираната, па на третата партија. Самарас го врати мандатот по само неколку часа со образложение дека не сака да и го губи времето на државата во волку критичен момент за нацијата.
Во телевизиско обраќање Самарас рече дека Нова демократија (НД) е прва партија што побара повторни преговори за договорот за долгот на Грција со кредиторите. - Драго ни е што другите ја сфатија важноста за повторно преговарање за договорот, истакна Самарас.
По средбата со Самарас, Ципрас изјави дека одбил да учествува во влада на национално единство со НД, повторувајќи дека изборните резултати покажале дека луѓето ја одбиваат политиката на штедење.
- Ние силно веруваме дека спасот на земјата ќе биде постигнат со одбивање на овие варварски мерки, преку ослободување од рецесијата, преку откажување на мерките за штедење и нивна замена со мерки што ќе предизвикаат пораст на економијата и со даноци кои ќе создадат фондови кои ќе им помогнат на послабите сектори на општеството. Ставовите на Самарас се дијаметрално спротивни од алтернативните предлози на левичарска влада, изјави Ципрас по средбата со лидерот на НД.
Лидерот на Демократската левица Фотис Кувелис беше попретпазлив.
- Ќе чекаме да слушнеме прецизен и јасен предлог и потоа ќе коментираме, изјави Кувелис откако одби да учествува во влада предводена од конзерватиците по состанокот со Самарас. Кувелис рече дека неговата партија не отстапува од предизборните ставови – Грција да остане во еврозоната и повторно да преговара за договорот за заем.
Според финалната распределба на местата во парламентот Нова демократија освои 108, СИРИЗА 52, ПАСОК 41, Независни Грци 33, ККЕ 26, Криси авги (Златна зора) 21 и Демократската левица 19 места.