
Атина, 11 мај 2012 (МИА) - Лидерот на Коалицијата на радикалната левица СИРИЗА Алексис Ципрас вечерва одби да учествува во разговорите со мандатарот Евангелос Венизелос за формирање на нова грчка влада.
Ципрас истакна дека нема да влезе во ниту една влада, додавајќи дека условите поставени од меѓународниот спасувачки план за Грција се многу сурови.
Венизелос наведе дека ќе го врати мандатот за составување на влада на претседателот Каролос Папуљас, кој потоа треба да го свика Советот на политичките лидери. Советот ќе ја разгледува можноста за формирање на влада на национално единство.
Кувелис претходно пред парламентарната група на Демократската левица изјави дека нема да учествува во владата на ПАСОК и на Нова демократија и повтори дека тој се залага за широка коалиција, но под услов да учествува и радикалната левица СИРИЗА.
Лидерот на Нова демократија Адонис Самарас изјави дека Грција може да формира трајна влада, способна да ја задржи земјата во еврозоната, само со одобрение на радикалната левица СИРИЗА, која го освои второто место на парламентарните избори во неделата.
- Земјата има потреба од трајна влада со учество или со пасивна поддршка на СИРИЗА и само со одобрение на таа партија може да се состави влада на национално единство, поддржана од десницата, рече Самарас пред пратениците од неговата партија.
Тој додаде дека таква влада ќе треба да и осигура на земјата да остане во еврозоната и да постигне напредок во преговарањето на политиката за построги економски мерки.
- Ќе се бориме за да создадеме таква влада, рече Самарас, според кого се уште има надеж, иако оваа задача е многу тешка.