
Во март 2008 година Русија ќе има нов претседател и нов парламент. Власта сепак ќе остане во рацете на ист човек - Владимир Путин. По многу размислувања, Путин решил да ја задржи власта, на еден или друг начн.
Едниот од начините е да стане премиер, за што тој изјави дека е „мошне реално“. Путин може да го искористи мнозинството во парламентот на неговата партија „Единствена Русија“, за да ја претвори Русија во парламентарна република, во која претседателот игра повеќе церемонијална улога, а вистинската власт ја има премиерот. Другата можност е да посочи верен претседател, кој извесно време би му ја „греел“ фотелјата во Кремљ и потоа тивко би си заминал, со што би го расчистил патот за враќање на Путин. Виктор Зубков, апаратчик од советски тип, именуван за премиер од Путин во 2007 година, е соодветен за улогата на привремен претседател. Тој е верен, (беше заменик на Путин кога овој беше градоначалник на Санкт Петерсбург), доста возрасен - на 66 години, (Путин има 54), и нема видливи сопствени амбиции.
Тој проверен, иако флагрантен план, му дозволува на Путин да остане на власт без формално да го крши Уставот, според кој тој треба да ја напушти претседателската функција по два мандати. Што и да реши Путин, народот ќе го поддржи. И не само затоа што ги контролира медиумите, парламентот, економијата и секоја друга сфера во општествениот живот, туку и затоа што парите од нафата постојано се слеваат и животот на луѓето се подобрува. Дури и доколку сето тоа не изгледа демократски, мнозинството од Русите, се чини, не се вознемирени.
Независно тоа, Путин и луѓето околу него изгледаат притеснати. Зошто инаку Кремљ би испраќал војска да задушува опозициски протести што не претставуваат закана? И зошто државните компании, кои неодамна добија многу приватни активи, горат од нетрпение да ги продаваат акциите на меѓународни берзи? Одговорот е дека системот, кој се изгради во Русија за време на Путин, е исклучително нестабилен.
Осумте години власт на Путин не го озаконија имотот што го натрупаа неговите верни пријатели, кои контролират најголемите компании во Русија. Поткопувајќи го правото на сопственост, како и се друго што би можело да игра улога на противтежа на власта на Кремљ, Путин изгради политичка структура, слична на превртена пирамида, која стои на врвот, а не врз основата. Префрлање на власта, дури и врз грижливо одбран наследник, би ја нарушило рамнотежата и би ја довело во прашање безбедноста на пријателите на Путин. Заради тоа, тој реши (или се мисли) да остане.
Краткорочно, тој план може да ги успокои најблиските сојузници на Путин, како и некои инвеститори, Но, тоа нема да ја направи Русија постабилна и само ќе ги зајакне постоечките тензии.
НЕПРИЈАТЕЛИ ТУКА, НЕПРИЈАТЕЛИ ТАМУ
Прво, ќе има притисок врз Кремљ надвор од неговиот затворен круг. Путин ја црпи основната поддршка од мала група поранешни колеги од КГБ, кои што се издигнаа заедно со него и заземаат влијателни политички функции, како и раководни позиции во економијата.
Тоа ја заковува социјалната мобилност. Амбициозните регионални политичари немаат речиси никаква шанса да се издигнат до високите слоеви на власта. Доминирачката позиција на Единствена Русија, поддржана од државниот апарат, ја отстранува надежта за развој на многупартискиот систем во блиска иднина. Нема и голема надеж за какви и да било економски реформи.
Во самиот Кремљ соперништвото меѓу одделните фракции, поддржани од различни економски интереси, е ожесточено. Путин досега мудро си ги пришишуваше сите заслуги за економскиот бум, поддржан од нафтата и ја префрлаше вината за се што не чини, кон Владата. Ако стане премиер, може да му се наложи да преземе одговорност за неефикасноста на системот создаден од него.
За да го оттргне вниманието од слични проблеми, Кремљ ќе се обиде да најде непријатели како внатре, така и надвор од земјата. Бројот на „екстремистите“, набљудувани од службите за безбедност, ќе се зголеми.
За да ја оправда строгата линија, Кремљ ќе повика за национално единство против растечката закана од Западот. Национализмот, кој што и без тоа е силен, ќе стане доминирачка сила во Русија - всушност Кремљ ќе го восприеме како своја основна политика.
Така може да создаде чудовиште, кое што не ќе биде во состојба да се контролира.
(Икономист)