Форин офисот го осуди инцидентот со британските патнички бродови кај Огнена Земја Лондон, 28 февруари 2012 (МИА) - Британскиот Форин Офис изрази „загриженост и неразбирање“ во врска со инцидентот во реонот на Јужниот Атлантик, кога аргентинските пристанишни власти не дозволија два британски патнички брода, кои се наоѓаат на крстарење покрај брегот на Јужна Америка, да впловат во Ушуаја, јави дописникот на МИА од Лондон.
Претставник на Министерството за надворешни работи во Лондон им наложи на британските дипломати во Буенос Аирес, да утврдат што е причината за инцидентот, но некои од патниците на бродовите, кои телефонски им се јавија на британските телевизиски станици, дека причината за забраната е што бродовите претходно престојуваа во Порт Стенли, главниот град на Фокландските острови, што Аргентинците ги сметаат за своја територија.
Бродовите „Адонија“ и „Стар Принцес“, со над 3.000 патници кои се на долго туристичко патување, се сопственост на компанијата „Карнивал“.
Последниве неколку години, британските патнички бродови на своите крстарења покрај Јужна Америка, редовно навраќаат на Фокландските Острови, а ова е првпат да им биде забрането тие да впловат и во едно аргентинско пристаниште. Бродовите можеле да впловат во аргентинските територијални води и да поминат низ каналите на Огнена Земја, на крајниот југ од Аргентна и од континентот, но мораше да продолжат без запирање, до чилеанското пристаниште Пунта Аренас.
Приближувањето на 30-годишнината од Фокландската војна во април 1982 година, кога по аргентинската инвазија на островите, Британците возвратија со војна, во која ги поразија окупаторите, Владата во Буенос Аирес ги засилува мерките против Фокландите.
Таа веќе забрани бродови под фокландското знаме да впловуваат во аргентинските пристаништа.
|