Папaта Францис, поранешниот кардинал Хорхе Бергољо, живее во мал стан, се вози со автобус и има едно функционално белодробно крило
Изборот на Аргентинецот од италијанско потекло, Хорхе Марио Бергољо, за новиот 266-ти поглавар на Римокатоличката црква претставува изненадувачко решение на конклавата во Систинската капела во Ватикан, на која учествуваа 117 кардинали од целиот свет.
Прво, затоа што тој не беше меѓу фаворитите за наследник на Бенедикт XVI, кој минатиот месец поднесе оставка. Потоа, затоа што е првиот верски поглавар на 1,2 милијарди католици кој доаѓа од Латинска Америка и првиот папа кој не е од Европа по речиси илјада години. Конечно, новиот папа Францис е првиот језуит на чело на Ватикан.
Роден е во 1936 година во Буенос Аирес. Од 1969 година му припаѓа на редот на језуитите, а потоа е испратен на школување во Аргентина и во Германија, каде што докторира. Ректор е на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Бискуп е од 1992 година, а кардинал од 1998 година.
Во 2005 година беше гледан како еден од можните претенденти за папа, но по повлекувањето на Бенедикт XVI, на него не типуваа ниту во неговата родна Аргентина, најмногу поради неговата возраст.

Еве неколку факти кои сигурно не ги знаете за новиот папа Францис:
- Сака да се вози со автобус;
- Живееше повеќе од 50 години со едно белодробно крило, бидејќи во младоста му беше отстрането другото поради инфекција;
- Син е на италијански работник на железница;
- Учел за да стане хемичар;
- Тој е првиот папа кој не е од Европа во модерната историја;
- Тврди дека посвојувањето деца од страна на хомосексуалци е форма на дискриминација против децата, но верува дека користењето кондоми спречува инфекции;
- Во 2001 година им ги миеше и ги бакнуваше стапалата на лица болни од сида во еден манастир;
- Течно зборува италијански, шпански и германски;

- До овој момент живееше во еден мал стан бидејќи избегнуваше да живее во резиденцијата за бискупи;
- Му порача на народот во Аргентина да не патува за Рим доколку биде избран за нов папа, туку тие пари да им ги даде на сиромашните;
- Се верува дека бил на самиот врв меѓу кандидатите за папа во текот на последната конклава во 2005 година;
- Иако е прилично конзервативен кога е во прашање доктрината на црквата, ги критикуваше свештениците коишто одбиваат да ги крстат децата на мајките кои не се омажени;
- Еден е од авторите на книгата напишана на шпански „On Heaven and Earth“ („Во рајот и на Земјата“).
