
На денот кога Европа во Рим ќе го добие новиот клупски шампион, УЕФА ќе го "дотолчи" тимот кој е фатен во
местење натпревар од квалификациските кола во Лигата на шампионите. На 27 мај, во Нион е закажан состанокот на второстепената комисија на УЕФА по жалбата на Победа, која на 17 април се соочи со драконски казни од судот во Швајцарија. Прилепчани 8 години се исклучени од настап во евро-куповите, а Александар Забрчанец и Николче Здравевски заработија доживотни забрани за работа во фудбалот. Сето тоа откако беше докажано дека Победа во 2004 година го намести за обложувалници натпреварот со Пјуник од Ерменија.
Во предвиденото време ФК Победа ја достави жалбата до УЕФА, а вчера од Нион стигна и веста дека 27 мај е терминот кога ќе заседава второстепената комисија на внатрешната контрола која веќе долго време го води случајот околу оваа местенка. Победа речиси и нема аргументи со кои ќе докаже дека УЕФА донела погрешна одлука.
Според наши извори, луѓето од УЕФА се многу лути на реакцијата на клубот по објавувањето на казните на 17 април и соопштението кое следеше два дена по одлуката во кое прилепчани на своја рака соопштија имиња кои се водат како заштитени сведоци. Поради таквиот став можно е казните да бидат зголемени. Се очекува голема парична казна за Победа, која ги прекрши правилата на игра и по судењето во Швајцарија.
Терминот кога заседава УЕФА за овој случај е во ден кога во Рим се игра финалето од Лигата на шампионите, но и термин кога во Македонија веќе ќе бидат познати сите дилеми околу расплетот во шампионатот.