
Според пишувањата на лондонскиот весник Сан, крилниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Нани би можел во јануарскиот преоден рок да ја напушти Англија и да се пресели во Италија.
Од неодамна Нани истакна незадоволство од својот тренер Алекс Фергусон, изјавувајќи дека шкотскиот стратег му ја уништува кариера, односно не му дозволува фудбалски да се развие. Токму оваа негова констатација покрена низа шпекулации околу неговото заминување од тимот.
Интерес за него пројавија двата италијански гиганти Милан и Јувентус. Тренерот на "Старата дама", Чиро Ферара, е во потрага по играч кој може квалитетно да игра и на левата, но и на десната страна, а токму Нани ги исполнува овие критериуми.
"Бјанконерите" би се согласиле и на позајмица до крајот на сезоната со опција за откуп на неговиот договор за кој се подготвени да "искешираат" до 15 милиони фунти.
Милан, пак, посакува да го донесе Португалецот во летниот преоден рок откако ќе истече шест месечната позајмица на Дејвид Бекам.
Нани на Олд Трафорд пристигна во 2007 година од Спортинг за 17 милиони фунти, но досега не ги оправда очекувањата. Не игра стандардно во екипата, а оваа сезона ги пропушти сите дерби мечеви во Премиер лигата. Одигра само 13 натпревари во сите конкуренции и забележа два гола. Неговиот договор со "Црвените ѓаволи" истекува во јуни 2012 година.