Традиционалните принцес крофни се подготвуваат со ванила слаткарски крем или пудинг. Dave’s Kitchen ни предлага една полесна и поосвежителна комбинација на вкусови – изматена шлаг пена со прекрасна арома на мед.

Доколку не консумирате мед, може да додадете какао или пак едно растопено, но изладено чоколадо во изматената шлаг пена.
Потребни состојки:
За тестото:
- 120 мл вода
- 120 мл млеко
- 120 гр путер
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
- 2 лажици шеќер
- 130 г брашно
- 4 јајца
За филот:
- 3 кесички за шлаг
- 375 мл млеко
- 2-3 лажици мед
- Свежи јагоди за декорација
Начин на подготовка:
Најпрво во помало тенџере на оган загрејте ги млекото, водата, путерот, ванилата и шеќерот. Кога смесата ќе започне да врие тргнете го тенџерето од оган и додајте го брашното. Мешајте со дрвена лажица додека не оформите топка од тесото. Со помош на миксер (или истата дрвена лажица) промешајте ја смесата за да се излади 1 минута.
Потоа матејќи со миксерот или мешајќи со дрвената лажица додавајте ги јајцата, едно по едно матејќи добро помеѓу секое додавање. Потребно е да добиете мазна смеса. Префрлете ја смесата во готварски шприц или со помош на лажица оформете ги принцес крофните во тавче обложено со хартија за печење.
Печете во веќе загреана рерна на 190 степени околу 10 минути, а потоа намалете ја рерната на 160 и печете уште 20-22 минути. Многу е важно да не ја отварате рерната додека се печат принцес крофните. Откако ќе ги извадите од рерна со помош на нож направете мал засечок така што пареата ќе излезе полесно од внатрешниот дел и додека се ладат нема да останат живи.
Изматете ги кесичките шлаг со млекото и медот. Преполовете ги принцес крофните кога комплетно ќе се изладат и филувајте ги со готварски шприц. Декорирајте со шеќер во прав и свежи јагоди.
Добар апетит и забавно готвење! За повеќе рецепти посетете ја официјалната ФБ страна на Давор, Dave’s Kitchen.