Да се биде родител денес значи да се носи невидлив ранец полн со љубов, обврски, но понекогаш и со вина. Вината кога не си доволно присутен. Вината кога си премногу присутен и се чувствуваш исцрпено. Кога работиш многу, чувствуваш дека децата страдаат. Кога си дома цел ден, се прашуваш зошто не правиш доволно за себе.

Овој внатрешен конфликт е дел од реалноста на многу мајки и татковци. Но, вистината е дека доброто родителство не значи да се жртвуваш постојано, туку да бидеш во рамнотежа, со себе, со дететож и со животот како целина.
Балансот не значи еднакво време туку свесно присуство
Многу родители мислат дека „балансирање“ значи да им посветат исто време и внимание на сите области од животот. Но, реалноста не е толку симетрична. Балансот се крие во свесноста, не во бројките. Кога си со своето дете, дали си навистина таму? Или гледаш во телефонот, размислуваш за работа или домаќинство? И обратно – кога конечно ќе седнеш сам со книга или кафе, дали чувствуваш мир или вина што не си со детето?
Вистинскиот баланс започнува кога си дозволиш да бидеш целосно присутен во она што го правиш, без постојана вина за она што не го правиш во тој момент.
Себеси не си го должиш како награда туку како потреба
Многу родители се навикнати да се ставаат на последно место. Сакаш мир? Почекај сите да заспијат. Сакаш време за себе? Само ако сè друго е завршено. Но, вистината е дека не можеш да даваш од празна чаша. Твојата енергија, трпение, емпатија и присутност зависат од тоа колку си поврзан со себеси. И тоа не значи скапи патувања или часови јога (иако може и тоа). Понекогаш тоа е само 10 минути тишина со шолја чај, читање неколку страници од омилената книга или кратка прошетка без друштво. Себеси не си награда за „добро родителство“ туку темелот што го одржува твоето родителство стабилно.
Слушај ги потребите, не стравовите
Чувството на вина често доаѓа од споредување. Некогаш тоа е со други родители, со идеализирани верзии на мајчинство/татковство, со нереални стандарди на совршенство. Сепак, вината ретко е добар советник. Таа нè тера да правиме работи не од љубов, туку од страв: „Што ако му недостасувам?“, „Што ако сум себична?“
Вистинскиот компас се потребите на детето, но и нашите лични потреби. Ако ти е потребен одмор, тоа не е значи дека ти е потребен луксуз. Ако имаш потреба од тишина, тоа не значи дека го игнорираш своето дете. Кога ги почитуваме и своите и нивните потреби, градиме доверба, а не совршеност.
Времето не мора да е многу туку да биде квалитетно
Често велиме „Немам доволно време за децата“ и се чувствуваме виновни. Но, децата паметат не колку, туку како сме биле со нив. Петнаесет минути дневно во кои го оставиш телефонот, го слушаш детето без прекинување, играш нешто што него го интересира прават поголема разлика отколку цели два часа во кои ти си физички присутен, но умот ти е на друго место. Квалитетот создава блискост, сигурност и љубов. Тоа е она што го градиме секој ден, не преку перфектен распоред, туку преку свесна поврзаност.
Учењето оди преку пример
Кога децата гледаат родител што умее да каже „ми треба одмор“, „сакам да бидам сам/а некое време“, „ова ми носи радост“ тие учат како да ги почитуваат своите чувства и граници. Родителот што се грижи за себе не е себичен туку е модел за здраво однесување. Кога децата нè гледаат како балансираме, без вина, но со одговорност, тие учат дека грижата за другите и грижата за себе не се спротивставени.
Љубовта не се мери во вина
Да се биде родител не значи да се изгубиш себеси. Напротив, тоа е можност постојано да се преоткриваш, да се адаптираш и да учиш како да бидеш таму за другите, но и за себе. Вината е гласот на сомнежот. Балансот е гласот на љубовта. А, кога љубовта води и детето и родителот растат заедно.