Трагичната судбина на Владислава Червенко манекенката од Нови Сад и нејзиното момче кое ја претепа до смрт е само уште една приказна за насилен, љубоморен маж и жена жртва која навреме не успеала да избега од него.

Пред само две години јавноста беше шокирана откако познатата пејачка Ксенија Пајчин исто така заврши убиена од своето насилно момче. И во случајот на Пајчин и во оној на Червенко, најблиските луѓе до жртвите открија дека жените со години биле свесни за проблематичното однесување на своите партнери, но и покрај сè останале во љубовна врска со нив.
Прашањето кое што најчесто се поставува во ваквите машко-женски односи, е зошто жртвите на насилство многу тешко се решаваат да го напуштат магичниот круг на агресија. Што е она што секогаш ги задржува покрај насилниот љубовник?
Од психолошка гледна точка постојат повеќе објаснувања за ваквото однесување.
Страв
Жената која е во врска со насилен тип на маж, најчесто се плаши од однесувањето на насилникот. Тој веќе неколку пати ја има покажано својата доминација врз неа што ја доведува до помислата дека истото може да им го направи и на нејзините најблиски. Затоа мошне сериозно ги сфаќа неговите закани бидејќи и самата е жртва на неговиот бес. Притоа прифаќа да молчи, наместо да даде отпор.

Срам и мала самопочит
Жртвата се срами да признае дека е физички и психички малтретирана. Најчесто мисли дека и самата е виновна поради тоа што се случува и дека семејството и пријателите ќе ја осудат ако дознаат за проблемот. Малата самопочит си го прави своето и таа уште повеќе потпаѓа под влијанието на насилниот партнер.
Изложеност на притисок
Жената може да остане во деструктивна врска доколку е изложена на некој вид притисок. Тоа се случува кога партнерот е познат, кога во врската има деца/ таа е бремена или пак кога притисокот доаѓа од страна на некои религиозни верувања и културни сфаќања.
Зависност од агресивен партнер
Понекогаш жената е целосно зависна од човекот со кој што е во врска. Без разлика дали станува за финансиска зависност поради недостаток од пари или пак за физичка зависност затоа што нема каде да оди, таа е принудена да остане со партнерот. Тоа уште повеќе ја засилува неговата доминација врз неа и не и дозволува да се оттргне од насилната врска.
Љубов
Некои жени остануваат покрај својот партнер бидејќи веруваат дека истиот ќе се смени, односно дека тие со својата љубов и грижа ќе го променат неговото однесување на подобро. Токму затоа агресивните постапки ги оправдуваат со тоа дека станува збор за привремен излив на бес. Сепак, жените не се свесни дека со тоа уште повеќе негативно се врзуваат за насилникот кој бара сè поголемо внимание и истото го „наградува“ со шлаканици.

Насилството и е нормално
Во оние случаи каде и самата жена како дете растела во насилна средина, многу е тешко да се дефинира како треба да изгледа една здрава врска. Бидејќи жртвата никогаш немала нормален контакт со маж мисли дека агресијата која што и се случува е сосема нормален дел од секојдневието.
Како да се избега од агресивниот партнер?
Најважно од сè е жртвата да си признае на себе си дека се соочува со сериозен проблем и да сфати дека заслужува да живее подобро.
Вообичаено жените кои преживуваат насилство од својот партнер веруваат дека љубомората на мажот е израз на љубов. Мешајќи ги двата поима несвесно ја губат самодовербата и самопочитувањето и полека, но сигурно ги забораваат своите роднини и пријатели станувајќи се позависни од него. На тој начин остануваат сами без неопходната поддршка која ќе им даде сила да се оттргнат од постојаната агресија.
За среќа денеска постојат многу кризни центри и институции кои можат да им помогнат на овие жени во враќањето на контролата врз нивниот живот и во лечењето на емоционалните рани кои настанале како резултат на насилството.
Сè што е потребно е да побараат помош и да сфатат дека се доволно силни да се изборат со проблемот и да направат нов и подобар животен избор.