
Нови толкувања околу повеќегодишниот спор на Македонската православна црква и верниците во Австралија.
Владиката Петар, надлежен за австралиско- новозеландската епархија, вчера рече дека австралискиот суд донел решение во полза на Македонската православна црква во спорот со Македонската православна заедница околу црквата „Света Петка" во местото Рокдејл.
„Со пресудата“, вели владиката Петар, „црквата и имотот и' се доделени на МПЦ“.
Процесот е започнат пред 12 години, откако Македонската православна заедница му забрани на митрополитот Петар и свештеникот назначен од МПЦ, да влезат во црквата.
Сепак, ова е првостепена пресуда и останува таа да биде потврдена од Апелациски суд.
Владиката Петар обвинува дека раководството на Македонската православна заедница, во своите спорови ангажирале скапи адвокати и притоа потрошиле дел од имотот на црквата за да ги платат.
Тој ги проценува трошоците на МПЦ за добивање на овој децениски спор на 1,5 милиони австралиски долари.
„Тие имаат платено и до 2,5 пати повеќе. Ние ако одиме со еден или двајца адвокати, тие одат со четворица адвокати и тоа најсилни адвокати, кои бараат огромни средства“, вели Петар.
Тој вели и дека во Австралија постои 21 црковна општина, но со пет од нив, кои се наоѓаат во Сиднеј, Њукасл, Мелбурн и Аделаида, не владее МПЦ туку Македонската православна заедница.
Ицо Најдовски, македонски иселеник во Австралија, вчерашните изјави на митрополитот Петар во неговата радио програма во Австралија ги оквалификува како „ноторни лаги".
Тој вели дека МПЦ добила право за богослужење во црквата, но не и право на а финансиско работење.
„Судот ја донесе, ја потврди одлуката од 1998 година кога му се дозволи на митрополитот Петар да владее со духовното, да назначува свештеник и тој самиот да може да служи во таа црковна општина, во тој храм.“
„Со финансиските средства и овој пат, на 4-ти март, пред неколку дена, Судот ја повтори таа одлука дека управуваат финансиските членови, односно Македонците, македонските православни верници од Сиднеј, црквата Света Петка од Рокдејл", тврди Ицо Најдоски.