Титулата во НБА лигата оваа сезона ќе ја добие победникот на седмиот натпревар помеѓу Мајами Хит и Сан Антонио Спарс во петок, откако вчера „жешките“ на исклучително драматичен начин ја добија шестата средба со 103:100 по продолжение.
„Мамузите“ веќе се гледаа како шампиони, откако имаа предност од три поени пет секунди пред крајот на натпреварот. Сепак така не мислеше Реј Ален кој постигна тројка за продолжение на средбата. „Хит“ заостануваа 13 поени на крајот на третиот дел и 10 на почетокот на четвртата четвртина. Леброн Џејмс постигна вкупно 18 поени во последната четвртина и во продолжението.
Најкорисниот играч на сезоната заврши со трипл-дабл - 32 поени, 11 асистенции и 10 скока, за да докаже уште еднаш дека е најсилен во најважните моменти.
Одлучувачкиот натпревар за титулата ќе се игра во петок, а домаќин е повторно Мајами.