Имавме предност од шест голови и не успеавме да победиме, можеме само себе си да се обвинуваме за тоа, вели капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров по вчерашниот пораз во трилер мечот со Данска.

“Имав лоша среќа при последниот шут кога топката се одби од ногата на голманот право во рацете на Данците и направија контра и постигнаа погодок за победа, но тоа е ракометот. Не бевме надиграни, но повторно дозволивме играта да ни се лизне од рацете во драматичен финиш, како против Шведска и Германија. Ја плаќаме цената на тоа што не бевме постојани учесници на големите настани, бидејќи нашите нерви потпуштаа кога треба да останеме мирни и фокусирани и да ја одржуваме предноста... Но, можеме да одиме со исправени глави бидејќи дадовме се’ од себе таму. Сепак, ќе биде тешко да се опоравиме психички од овој удар затоа што изгледа дека среќата не е на наша страна на ова првенство“, вели Лазаров.

Дека драмата што синоќа се одигра во белградската “Арена“ е како да излегла од умот на Хичкок потврдува и данскиот трене Урлик Вилбек, кој вели дека македонскиот тим изиграл фантастично во првите 25 минути.

“Драматичен натпревар. Морам да кажам дека во првите 25 минути Македонците изиграа фантастично. Во одбраната не можевме да најдеме начин да ги запреме. Кон крајот на првото полувреме забележав дека Македонците ја губат брзината и доближувањето од 19-13 на 19-16 беше многу важно за нас. Имавме среќа во последните неколку секунди од натпреварот, но немавме среќа низ целиот меч. На македонскиот тим им благодарам за одличниот меч. Сега треба да се фокусираме на останатите два натпревари од и да ги добиеме и нив ако е можно“, вели Вилбек.
Натпреварот заврши со 33-32 во полза на Данците, откако на само секудни пред крајот Лазаров не успеа да го совлада данскиот голман Никлас Ландин, а топката се одби право во рацете на Данците и Ханс Линдберг стави крај на натпреварот во затресувајќа ја мрежата на Борко Ристевски во последната секунда.

Македонскиот тим ја имаше победата во своите раце со дури седум гола разлика во еден период, но во второто полувреме се тргна надолу, а Данците тоа одлично го искористија.
Во понатамошните натпревари Македонија продолжува со еден поен од претходните натпревари. Престојат натпреварите со Полска утре и со домаќинот Србија во среда.