Новак Ѓоковиќ и Рожер Федерер успеаја да извлечат победи во пет сета за да закажат мега-дуел во полуфиналето на Францускиот Опен. Ѓоковиќ се врати од работ на бездната откако спаси четири меч топки за 6:1/5:7/5:7/7:6/6:1 победа над францускиот ас Жо-Вилфрид Цонга и неговиот сон за четврта гренд слем титула во низа остана жив.
Светскиот број 1, кој се обидува да стане првиот тенисер по 43 години со титули на четирите големи турнири, остана смирен под притисок да го добие одлучувачкиот четврти сет, пред лесно да го заокружи мечот во петтиот.

Тоа што започна како реприза на кошмарот од УС Опен, заврши поинаку за Рожер Федерер, со пласман во полуфиналето. Швајцарскиот "Маестро" надмина два сета негатива седми пат во кариерата за 3:6/6:7(4)/6:2/6:0/6:3 победа над Аргентинецот Хуан Мартин Дел Потро, кој славно го совлада Федерер во финалето на Флешинг Медоуз во 2009.
Деветтиот носител Дел Потро изјави дека ќе му треба совршен ден да го повтори триумфот од 2009, и два сета беше на добар пат. Но, Федерер успеа да се соземе и да го освои мечот, вклучувајќи го четвртиот сет во кој имаше 13 директни победнички топки и ниту една неизнудена грешка.
"Тоа што се опуштив навистина ми помогна. На крајот на вториот сет навистина одев до максимум", вели Федерер, кој сега има рекордно 31 полуфинале на гренд слем.

Дел Потро пак играше со повреда на левото колено, и успори во финишот на мечот. 23-годишниот Аргентинец ги има загубено петте дуели со Швајцарецот по камбекот откако ја пропушти цела 2011 поради операција на зглобот.
"Одиграв одличен меч, но во третиот и четвртиот сет тој почна да игра многу подобро. Немав проблем со коленото, и тренерот дојде само да ја опушти лентата. Едноставно сервирав многу лошо и си дозволив многу грешки против Рожер", вели Дел Потро.